Дома
 



Јанко Нинов – Отец Давид
 
Пијанство

Ги собувме нозете од телото
Јас и капата ја симнав
Рацете ги ставивме да си павтаат
И додека трупот спокојно се ронеше
Умот го пративме таму
Каде природата завршува
За нашиот ни неразум уште потаму
Да продолжува

Одеднаш на Диониса му се стори
Дека Тезеј сум јас и дека
Неговата девојка ја земам
Па со тврд јазик посака
Од масата да станам

Но мене тука ме нема
Та јас со намера
Во мит влегов


Песна на калето

Како катопт калето копнее
И кобна песна низ кал и камење пее

Песната трае
Во сета сфајра
Секој може да ја види
И да чуе како чуда чини
И кај немашни
И кај имаштини

Оној пак кој калето
За мртво го смета
Галиба не знае
Оти самиот пред време мрее

Го видел тој и занемел
Низ него сега калето пее
Ветерот ко срп нозете му ги сече
И во снопје му ги збира
Тој ништо не разбира

Калето ко квасец се подига

Корен домашен

Секогаш постои поголема самотија
од онаа кога си сам
откривав нови зборови
но како што од бурето тече ракоја
така и ќе сопре
застанувам и го покажувам
своето откритие
сепак ракијата е стара и добра
и сите од Јакова наваму можеме
да копаме земја и пеејќи да умираме
и копајќи да сечеме корења
и сечејќи да откриваме бои
и боејќи да откриваме мириси како
што јас сега го мирисам
домашниот корен.

Јаков
на дедо ми

Си тажеше сам над себе си
Младичу Јакове
Уште докрај неизникнат од земја
Војни ти ја газеа
Душата
Так так секирата
Не успеа над тебе
Јако искован Јакове
Она што еднаш ќе умре
Уште еднаш ќе се роди
Разглобуваше умови

Во задприрода кај ретките
Те среќавам
А на соне дури секоја вечер
Старецу Јакове

Мојата душа не е асфалт
Татни движењето
Разглобувам и составувам
Си тажиме сега ние

Едно Име на Светот
Незадоволни од брзината на растење
Од умот на оние
Јас Ти јак прејак
Стебло Највековно
Чука залудно секирата
Искрен Јакове.

Следна
 
1 2
Hosted by www.Geocities.ws

1