Дома
 


Гоце Смилевски

Меѓу вечното и секојдневното
(Наташа Бунтеска: „Горниот град", „Стремеж", 2002.)

Кога во предговорот на антологијата „Дваесет млади македонски поети" (издание на „Прокултура", 2000), нејзиниот составувач Лидија Димковска напиша дека „Наташа Бунтеска ја текстуализира реалноста која преминува во надреалност, но и се автотекстуализира, се реализира и ја реализира реалноста на поетскиот текст", не можеше да се претпостави кон каде ќе тргне поетиката на Бунтеска - таа зад себе имаше една поетска збирка („Мали вечности", издание на „Студентски збор", 1998). Сега, кога читателите ја имаат во рацете втората стихозбирка на Бунтеска - „Горниот град" (поделена во три циклуси: „Горниот град", „Минијатури, кратки тури, заборавени бури, моменти и мали вечности" и „Златна книга") можеме да констатираме дека тврдењето на Димковска би можело да се однесува и на оваа книга. Овдека, всушност, поетесата на сугестивен начин го потврдува она што беше најавено во нејзиното дебитантско остварување.
Своевидна карактеристика што се јавува во скоро сите песни од „Горниот град" е доведувањето во асоцијативна врска на далечните нешта. Во својот есеј „Поезијата и вечноста" Вјачеслав Купријанов особено значење му придава на еден аспект од ваквата врска, средба (или приближување) на (навидум) далечните нешта, имено на блискоста и проникнатоста на секојдневието и вечноста, и бидејќи тој аспект ми се чини особено карактеристичен за поетиката на Бунтеска, ќе се задржам накратко на ставот на рускиот автор. Купријанов, имено, вели дека „потрагата по дивата вечност го принудува поетот (и, воопшто, уметникот) да се зафаќа за настани одвај ли не од секојдневието, да се фрла по лизгавиот миг, да лови 'чудно магновение', и ако тоа е чудесно запрено од поезијата, секако не сретнува со вечноста."

  Тој потоа се повикува на апелот на Вилијам Блејк кој гласи: „во секое мигновение да се гледа вечноста."Приближувањето на вечното и секојдневното е забележливо уште во првата песна од стихозбирката - „Одврзување" (првиот дел од првиот стих на оваа песна - „Здивот ме врзува", е земен како наслов на краткометражниот арт филм чиј сценарист е токму Бунтеска, а режијата е на Стојан Вујичиќ). Овде здивот е посочен како врска помеѓу двата света, од што произлегува и збунетоста од постоењето, од припаѓањето и на земното и на небесното. И токму врската меѓу двата света се јавува како смисла на постоењето - без таа врска и лирскиот субјект би се претворил во „вкочанета, глупава, фигура", а и бог би бил само предмет „во рацете. Ко бисквит ронлив". Ваквото поврзување на далечните нешта доведува и до запрашаноста „можеме ли да отпловиме до бог без гуми за спасување?" во песната „Разубавување", а Големата Мајка од матријархатската митологија, по дваесетина стиха во кои таа „медитира на точката / во која се поттурнуваат / мракот и светлината" и размислува за сопствениот состав: пола простор - пола време, оди да го подгрее ручекот за децата кои треба да се вратат од училиште (во „Големата Мајка"). Оттаму и едно вообичаено утро во една вообичаена зграда од нашиот град, во кое со звуците на лажичињата во шолјите за кафе, на штиклите на комшивката и на крцкањето на креветите се меша со звукот на бришењето на правот од ангелските крилја на третиот спрат во „Добро утро во зграда бр. 12 на ул. Методија Митевски", а песните, кои се самите обид да се допре вечноста, се продаваат „на женскиот пазар / меѓу копчињата и патентите / на аголот кај зачините" во песната „Неврзани песни".
 
1 2
Hosted by www.Geocities.ws

1