Дома
 


Гоце Смилевски

Овој спој на земното и небесното, минливото и вечното, овостраното и оностраното, ја достигнува својата кулминација во последната песна од циклусот „По улица доручкувам". Успешноста на оваа песна се должи меѓу другото и на нејзиниот специфично развиван ритам - започнува со два стиха во кои во фокусот на нарацијата е секојдневието („По улица доручкувам / геврек и јогурт"), по што во третиот стих се случува промена која ја менува не само атмосферата на целата песна туку и погоре кажаното добива поинакво значење („храна што просветлува"). Потоа продолжува навраќање кон секодневното („одам / прва смена на работа сум"), за во следните стихови да се најави воодушевување од него и негово доживување како несекојдневно („и среќна / што роси / една капка / ми паѓа на носот / светка светка светка"), по што следува раѓање на чувство дека ова поинакво доживување на реалноста е предзнак за чудесноста скриена во и зад вообичаеноста („знам дека ова е / некој посебен ден"), и одново навраќање кон конкретниот миг и постоење („одврзаната врвца ме сопнува"). Тука е кулминативниот момент во песната, кога доаѓа до конечен спој на реалното и надреалното - и врвцата станува знак, или она што упатува на несекојдневното („ме сепнува ми го кажува тоа"), по што следи фокусирање на реалноста („среќна сум што немам / толку многу нешта / и што не ми требаат / и што замислувајќи ги / среќна сум што немам / дрска глад за животот/ вакви денови / ми го продолжуваат животот"), за да заврши со надеж дека, ете, можеби токму таквата реалност ќе одведе кон едно повисоко спиритуално доживување, кон она што во зен будизмот се нарекува сатори, а во ведантизмот самади - кон идеалот на Буда (Разбудениот) - вистинската, духовна будност („можеби денес ќе / налетам на големото будење").Песните од вториот циклус, како што посочува и самиот негов наслов („Минијатури, кратки тури, заборавени бури, моменти и мали вечности") се карактеризираат со својата кусост - најголем дел од овие минијатури имаат два или три стиха. Првите четиринаесет од нив се ненасловени, и носат редни броеви. Некои од нив наликуваат на афоризми, на пример четвртата минијатура:
„Најпрецизен погодок
во животот
ми е статива."
Други, најбројни, се блиски до хаикуто, носејќи ги сите (освен онаа во поглед на бројот на слоговите 5-7-5) главни карактеристики на моделот на јапонската кратка поетска форма. Таква е на пример петтата минијатура:
„Оголени прсти
после грицкање нокти.
Излупени овошја."
  Некои од нив се мини-мудрости во кои се согледуваат карактеристиките на сопственото постоење, како во седмата минијатура:
„Непостојаноста
Целото ми го скрива."
Или мудрости за постоењето воопшто, како во десеттата минијатура:
„Бунарот за еден
за друг е планина."
Последната песна од стихозбирката, „Златна книга" (од која е составен третиот, истоимен, циклус), претставува запрашаност, а едновремено и стравување, над некои надежи и очекувања поставени во претходните песни. Така стиховите „Зашто, што со слободата / ако ги имам сите симптоми / на заспан човек" можат да се читаат како одраз на стиховите „можеби денес ќе / налетам на големото будење" од песната „По улица доручкувам" - односно: што со доживувањата од „другата страна", ако и покрај трансценденталниот „ефект" останат непроменети овоземните нешта, ако „Исто како и сега / носот во бесконечноста / петиците во локалната бара"? Копнежот по малите и едноставни нешта останува („Има ли надеж да се спаси / уживањето во најбескорисните нешта / апсолутно романтични / ко црно - бел филм?"), како и свеста дека достигнувањето на највисоките онострани идеали е безначајно без ситните човечки радости. Наспроти бегството во самозалажување во супериорноста на „будењето" (впрочем, и наспроти самозалажувањето дека „будењето" е конечното и единствено вредно искуство), во стиховите на Бунтеска и натаму остануваат стравот и сомнежот. Главните сопатници при сопствениот развој, и неговите најсилни двигатели.
Осврнувајќи се на поетиката на Бунтеска, во предговорот кон антологијата на младата македонска поезија „Неидентификувана небесна дојка" (издание на „Младинската книжевна асоцијација"; самиот наслов на антологијата е земен од стиховите од песната „Колекција" на Бунтеска) Јовица Тасевски - Етернијан проникливо забележа дека нејзината поезија „претставува суптилна лирика во која се тематизираат женственоста и божественоста," потенцирајќи дека ваквата „тематизација се одвива преку авторефлексија, којашто е вградена во потрагата по трансценденталниот происход". Можеме да додадеме дека со новата стихозбирка поетесата Наташа Бунтеска прави извесно свртување на својот поетски интерес од лирското кон наративното, со што постапно и внимателно го надоградува своето поетско писмо, следејќи ги современите поетски текови.
Претходна
 
 
1 2
Hosted by www.Geocities.ws

1