Дома
 


Анета Велкоска
 

Ноќна игра

Го осветли ова небо
таа отуѓена ѕвезда,
понесена од урнатините на светот
Во три бои
умира просторот
и рамнодушна ноќ
се изви над нас
Привиден блесок
ја украде случајноста
... и секој од миговите
различно се брануваше
жив,
подвижен,
сличен на самото небо,
а ноќта раѓаше
кога денот
ја губеше смислата за
фантазирање...
Го осветлив ова поле
таа откриена ѕвезда
Се изви над нас
и во три бои
умре во просторот.


Денот

Патував долго
по суштината на еден
обичен ден
и видов сенки,
видов дрвја,
видов сонце,
- тебе те видов,
само денот никаде го немаше


Визија

Имав визија
за светот по сто години
Разновиден
со збунети страсти
и постојано цутење на утехата
Нема веќе
обични луѓе во единството
на еволуцијата
нема изгубеност
во единството на карактери
Разум – да
Способност – не
Осаменоста
е развлечена по
привидното сфаќање на животот
Потопена е вистината
во чадот на интимноста
Без вредност – може
Без фантазија – не
За љубовта не кажувам.

Избор

Во скриените блесоци
на животот
сраснувам со ридовите,
бубалките, полињата...
и сите промени
се херојско движење
во куќата на поезијата
И како сe да е непроменето,
кога ги разоткриваш
неисцрпните хармонии
и ме спојуваш
со меката суштина на
револуцијата
Кога меѓу слободата и љубовта
ме одбираш мене
како скриен извор на ѕвездите
како бубалка со ново лице
на светот
само не знам
зошто сe уште ме споредуваш
со есента.


Грешка

Пред пет дена
ја собрав сета скриена страст
од моите клетки,
и безрезервно ја стопив во
зборови.
Ги истресов и последните
желби
и секоја од нив ја поврзав
со твоето име
На крајот
се потпишав со љубовта...
Со бакнежи го залепив пликот
и со последната надеж
го пратив...
Денес ми се врати писмото
извалкано,
со печат неважечко
Се колнам дека не лажев!


Природно писмо

Ридот ми прати писмо:
Потокот бил добро
на ливадата имало супер
журка
Ветерот сe уште
бил збудален по мене
дрвјата шумно ме
поздравуваат
- попусто
кога други ќе им ги јадат
плодовите.

Hosted by www.Geocities.ws

1