Дома
 


Александра Димитрова
 
Вежби за правилно дишење

прозорецот го поддржува нашето клопче/ А!/ перничето е тешко од насликани Еросчиња/ веќе половината проголтани од мене/ ко твоите/ несвесни коси за малата драма/ во мојата уста/ студираш анатомија/ околу колената мои/ со коски вешто скокотливи/ со сите предлози земни оперираш/ во стамбената прашина/ дина диши наместо мене/ А!/ ти тивок/ прескокнувачу на срца/ измамник ил не/ впрочем важно не е/ Е!/ тука треба да дораскажам/ тешко се соземаш/ О!/ тешко се збогуваш со моите/ подгорени коси/


Прекин

Една девица константно ми праќа
писма без поента
Еден грд педер секојдневно ми спушта
телефон без причина
И сето тоа ко спирала се вградува под моите очи
Принцезата Блонди
бавно џвака јаболкови кори врз мојата глава
Принцот Барт
гласно подголтнува сусам ко реакција на една стара навреда
И сето тоа ко игла се вовлекува во конецот меѓу моите уши
Кубистички лица ги лепат крилцата на стаклото
Карикатурално размекнати сланини течат низ
салата за салати
И тоа полека дејствува ко чекан врз церебралните ми ќелии
Индиферентно посматрам сe
и ноншалантно си ги исклучувам копчињата
за да бидам ништо
за да ја прекинам врската со светот

 

Еп

Епски заразени мажите
израснуваат
над своите мајки

Ја креираат реалноста

Мечуваат над фантазијата

Нивните епски хормони
создаваат аплаудирачки толпи
во кои потенцијалните јајце клетки восхитено се потат

Епиката завладува со светот

Фудбалот се пресоздава во сe-општа религија


Неколку реторски прашања

Што знам јас
за правецот во кој истекува водата од кадата,
што знаеш ти
за начинот на кој врне дождот,
што знае кадифениот глушец
за философијата на горење свеќи
или што знае бронзениот Буда со скрстени екстремитети
за напорото при водењето љубов?
Што знаеме ние
за утрото во земјата на пајаците,
што знаете вие
околу проблемот вселенски за клонирање ѕвезди
и знаат ли тие
знаат ли
дека сe уште те сакам
точно деветстотини деведесет и девет грама?

Следна
 
1 2
Hosted by www.Geocities.ws

1