| Провев
Ранетата месечина истекува бавно меѓу
виолинскиот клуч и нотите, а Вашата љубопитна глава љубопитно им
дозволува на ушите да ја променат положбата и во нив да влезат шушкањата
од бескрупулозниот град.
Деформацијата која настанува како резултат на делокализираните уши
Ве прави грда, а грдотијата непожелна, штопомножено со зголемениот
апетит прави да се чувствувате загрозено, па робот во Вас панично
започнува да ја бара новата господарка.
Како последица на протокот информации во Вашата, долго време херметички
затворена глава, се случува провев – тој прави да ги превидувате
судбинските шанси и да мислите дека имате динамичен живот.
Госпоѓице, мислам дека е време да се отруете.
Пукнатини
Лампионите – видео проектори за порно кадри
наоѓаат погодно платно под стомаците на алкохолизираните
Трошките од твојата милосрдност си играат под глобусот
Жените сиренесто засадени во саксиите
се вкопуваат во возбуденото торзо без екстремитети
Пукаат тампони
Трошките од твојата милосрдност
празнично ми се искачуваат до препоните
Пука мојата трпеливост
Чувството на обврска и на вина
поради твоите грешки
поради твоите глобуси
се претвора во божиќна тиква
Дедо Мраз заборавајќи на елените се дави во пунч
За Малиот Принц
Те очекувам да дојдеш
да пристигнеш со летот на дивите гуски
Сакам да пиеш од сокот модар
да дишеш од црвениот мој етер
Но ти – мал принцу со амеба под косата
припитомуваш лисици
И ме игнорираш
не ме перципираш
одбегнуваш
да го примиш мојот змиски отров
А јас ко прва ружа чекам
да го ставиш своето стаклено ѕвоно
врз мојата пупка |
Несон
Невообичаено но
Не преспивам 48 часа
размислувајќи околу еден кроки живот
Испивам 3 лексилиума
во чест на неколку позајмени ролји
Правам листа на нечии + и – особини
Се потсетувам на сите (веќе избледени)
мимики
мириси
на сите говори
гестови
И конечно сфаќам дека
мене не ми е потребно дете
со двоцифрен број години
Пост траума
Размислувам во коцки
И слични геометриски слики
Подножјето на страницата личи на вулкан
А буквите во облик на броеви ја изместуваат кодираноста
Луѓето во мене се пресметуваат
Децата во мене копнеат по стории
Жената плаче
Ужасно симетричен светот се парализира
Зборовите ја губат семантиката
Помали од слики се коцките
И бедно ми се заглавуваат меѓу грлото и носот
Темни ми се сите гласови |