| |
Победа-Парма 0:2
Откако во 1999 год. за првпат игравме со екипа од калчолигата следната 2000 год. среќата повторно ни го сврте грбот и после елиминацијата на Универзитатеа од Романија во претквалификационото коло,за противник во првото коло на купот на Уефа ја добивме екипата на Парма.Таа година за оваа екипа настапуваа звезди од типот на Буфон,Турам,Аморузо,Консисао,Ди Вајо,Дино Баџо,Фузер и уште многу други одлични и скапоплатени фудбалери.После дознавањето на противникот најфудбалскиот град во Македонија беше на нозе и веднаш почнаа подготовките за пречекување на познатиот противник.Со нетрпение се очекуваше 14 септември,денот кога се играше натпреварот.Навивачката група “Мајмуни” не губеше време и веднаш започна со подготовките за овај натпревар,се правеа нови транспаренти,се подготвуваше кореографија,се правеа нови знамиња,нови маици и сл.Тие денови единствена тема на разговор меѓу сите Прилепчани беше фудбалот и дилемата дали натпреварот ќе се игра во Прилеп или во Скопје.Влијанието на Италијанската фудбалска федерација и на раководството на “млекарите” си го направи своето и натпреварот се играше во Скопје.Со тоа само се докажа дека секоја екипа има страв од гостување во Прилеп и од атмосферата што ја прават Прилепските љубители на фудбалот.
Со помош на управата на Победа беше обезбеден превоз за Скопје за сите оние кои ја сакаат Победа со специјален навивачки воз,кој беше планирано да брои 18 вагони.Но поради огромниот интерес бројот на вагоните се зголеми на 22,што повторно не беше доволно за сите оние кои сакаа да присуствуваат на овај натпревар па така голем дел Прилепчани заминаа во Скопје со сопствени возила или со автобус.Уште од утрото навивачите на Победа доаѓаа од сите делови на градот.Традиционалното место за собирање на “Мајмуните” беше “Пред Реклами”.Најзагреаните навивачи веќе во 9 часот утрото беа на собирното место,за да нешто пред 14 часот со доаѓањето на женскиот дел од навивачката група “Мајмуни” бројката да изнесува повеќе од 2500 навивачи кои правеа одлична атмосфера во центарот на градот.Од таму организирано се тргна кон железничката станица од каде се тргнуваше за Скопје.Возот со своите 22 вагони беше претесен да ги собере сите навивачи кои се снајдуваа како знаеја и умееја,па така во едно купе имаше и по 10 души а ходниците на возот беа преполни.Но тоа никому не му пречеше бидејќи со навивачки песни патот мина за миг. На железничката станица во Скопје бевме пречекани од Скопската полиција која во кордон не спроведе до градскиот стадион.По патот никој не ги штедеше своите грла и раце и “Мајмуните” направија прекрасна атмосфера притоа палејќи неколку бакли. Голем број Скопјани излегоја да не видат и притоа бевме со аплауз пречекувани,а некои од нив и се приклучија на нашата група.После пристигнувањето на градскиот стадион бевме сместени на целата северна трибина.Пред почетокот на натпреварот исто така се навиваше скоро цело време,а поддршка добивавме од сите присутни на стадионот кој што ги имаше од сите градови на Македонија како и од дијаспората дојдени специјално за натпреварот.Од повеќе од 15 000 грла на стадионот ечеше “Победа,Победа” не штедејќи се само да му се помогне на нашиот претставник во Купот на Уефа.Во првото полувреме имаше одлично навивање и цело време се пееја песните за Победа пред се од Прилепските навивачи за на моменти да се приклучи целиот стадион,а на полувремето беа запалени уште неколку бакли како загревање за второто полувреме кога атмосферата сеуште беше на ниво како пред почетокот на натпреварот.Нефудбалскиот притисок од Италијаните го даде својот резултат и тие со 0:2 славеа среде Скопје.Сепак и покрај негативниот резултат навивањето не престануваше во текот на сите 90 минути,а на крајот домашните фудбалери беа испратени со аплауз од многубројната публика која беше задоволна од прикажаниот фудбал и покрај поразот.Најзадоволни секако беа околу 50 навивачи на Парма кои допатуваа во Скопје и беа убедливо победени во навивачкиот двобој не давајќи им шанса да се истакнат ни за момент. После завршувањето на натпреварот повторно со полициски кордон бевме вратени на железничката станица од каде околу полноќ се тргна назад за Прилеп.Во Прилеп се пристигна рано утрото околу 4 часот и тој ден никој не помислуваше на одење на работа или на училиште.И покрај големата бројност од повеќе од 3000 навивачи не беше направен ниту еден поголем инцидент ниту за време на патувањето и пристигнувањето ниту при спроведувањето кон стадионот,за време на натпреварот и враќањето назад што докажува зошто навивачката група “Мајмуни” е најдобра во Македонија и постојано добива пофалби во медиумите.
by Дарко Стеваноски - "Митич" & Webmaster
Написи
Линкови
Yahoo Група
Контакт
Copyright (c) 2002,2003
Majmuni.cjb.net - All Rights Reserved.
Designed by Новески Оливер |