Дома





Лидија Димковска

 

приложениов текст е предговор на антологијата „20/млади.м@к.поети.00"-Лидија Димковска

Во октомври 1999 год., кога шефот на Катедрата за Славистика при Филолошкиот факултет во Букурешт ми предложи освен по македонски јазик да држам предавања и по македонска книжевност, односно да организирам курс по историја на македонската книжевност за студентите од IV год., на сите славистички групи, се најдов во сложена ситуација: дали во наставната програма да ги вклучам и најмладите македонски писатели? Дали тие и припаѓаат на историјата на македонската книжевност (зашто бездруго ќе и припаѓаат) или да работам според веќе напишаните истории на македонската книжевност во која најмладите македонски писатели се приближуваат кон четириесеттата, а поетите застапени во овој преглед можат само да ѕиркаат низ клучалката на „бирократската врата на македонската книжевност" и да ја повторуваат магиската формула: Сезаме, отвори се! Не се двоумев во решението: со огромна радост (на дете што прави нешто забрането) ги внесов најмладите македонски писатели во наставната програма и уште сега, во декември ’99, се радувам што во мај 2000 ќе можам да им зборувам на романските студенти за мојата генерација, а уште повеќе што самите ќе можат да го читаат и да расправаат за овој преглед на младата македонска поезија, кој нецелосно ? беше претставен и на пошироката романска културна јавност во списанието за културен дијалог и уметност „Art Panorama". Постоењето на мојата генерација (генерација во рамките на еволуцијата на поезијата) не може да се негира иако македонските книжевни историчари (а и критичари) обично се поведуваат по годините на раѓање на претставниците на оваа генерација и „логички" размислуваат: „Имаат време да се докажат, да се покажат, па потоа - ќе видиме. Нека пишуваат тие за нас, а не ние за нив!" Тоа е непишаното правило во комуникацијата меѓу нас и вас, драги постари писатели! Иако одвреме навреме има и исклучоци.

  Антологијата „Крај на векот" на Данило Коцевски се покажа отворена за новите тенденции иако не за сите! Веројатно истото некој ќе го каже и за овој обид за антологијата за 2ХХХ година. Веројатно многу млади поети не се застапени во овој избор ќе имаат што да ми префрлат, но веднаш морам да кажам дека ја приредив оваа антологија (избор, преглед), според принципот на Барт „задоволство на текстот". Јас, како поет, како поетот Лидија Димковска, ги одбрав оние поетски текстови при чие читање чувствував задоволство и еве, ви ги предочувам и вам со истата цел: да уживате во нив! Затоа не можев да застапам барем уште десетина млади поети, кои, нека ми простат, ме заморуват кога ги читам.На тој начин, оваа книга е повеќе „авторска", субјективна, отколку објективна, општа антологија. Песните објавени во овој избор се, според мене, свежи, луди, комуникативни, автореференцијални, интертекстуални, постмодернистички, неореалистички, апокалиптични и други поетски проблесоци што можат да се читаат секогаш и секаде: искрено се надевам дека „20.млади.м@к.поети.00" ќе биде книгичката што во најголем број ќе се најде во ранците на автостоперите или во куферите на културните, деловните и останатите патници во 2000 година, но и во новиот милениум! Оваа антологија, всушност, е избор од 19 поети, а 20-тиот ќе биде избран од страна на секој читател пооделно. На тој начин, секој од вас станува коавтор на оваа книга (а за поделбата на хонорарот ќе се договориме потоа!).
Би сакала да ги потсетам постоечките и можните историчари, критичари, проследувачи на македонската книжевност (во случај да не земат предвид во наредните истории на македонската книжевност) дека:
Следна
  1 2 3 4
Hosted by www.Geocities.ws

1