Дома





Лидија Димковска

 
4. Како зрачат и со што песните од овој избор на македонското поетско небо?
Песните на Емил Калешковски се десакрализација на потврдените реалности: Бог, човек, земја, поништувајќи ги основните вредности на традиционалниот хуманизам. Александар Кирковски го претвора бесмртното во смртно, а смртното го иронизира и го извлекува од утопијата на илузиите на полето на културниот дијалог. „Сликите на трошноста" на Етернијан се фрагментирани постоења собрани во дисконтинуитетот на говорот, растргнат меѓу гномичноста на модерниот израз и иконичноста на постмодерното писмо. Виолета Бончаноска го разгледува сиот културен, интелектуален, емотивен, филозофски и женски имот со кој располага и гради поетска компилација во свој стил. Неонадреализмот на Ивица Антески всушност е ирониски став во интертекстуално руво што ја раствора трансцеденталноста како шумлива таблета во застоената вода на реалноста. Александра Николова се внурнува во тројството поетско битие – текст – општество и свесна за апокалиптичноста на секојдневието создава автентични поетски слики на односите на човекот со системите на кои им припаѓа. Иван Додовски најдоследно им истрајува на постмодернистичките провокации негувајќи ја онтолошката запрашаност на поетксиот чин, на човековато постоење, традиционалните вредности: љубовта, заедницата, пријателството, верноста итн. Другоста како принцип на женското писмо избива во преден план во песните на Ана Пејчинова, женски во раскошот на означителите, а пред с# поетски, автоирониски, па дури и пародични во ефектот на означеното. Наративни, со чувство за работ на нештата околу нас, автобиографски и биографски слики на универзумот, песните на Никола Маџиров се саркастичен филтер за реториката на животот како неореторика на пеењето. Наташа Бунтеска ја текстуализира реалноста која преминува во надреалност, но и се автотекстуализира, се реализира и ја реализира реалноста на поетскиот текст. Културниот дијалог со традицијата, неидентификувањето со неа и интертекстуалните врски со митската и книжевната култура, а со цел создавање автентична поезија, се главните се главните одлики на песните на Јанко Нинов застапени во овој избор.
  Љубовниот семиозис во песните на Сузана В. Спасовска се остварува референцијално, а церебралниот – автореференциално, при што кризата на идентитетот, како деја вуе се остварува под знакот на изгубената наивност, типично постмодернистичка. Иронијата на Бобан Богатиновски не е нихилистички став, туку поглед на свет, свет во постојана деконструкција, свет во кој животните и поетските пораки (како интертекстуална матрица за самопрегор на поетскиот чин) се и самите деструктивни. Игор Исаковски го извлекува од животот сето она што може да се текстуализира, а особено личното искуство и механизмите на животот што може да ги размонтира и од нив да состави саркастични, апокалиптични и живи песни, препознатливи по степенот на заводливост и автентичност во целата млада македонска поезија. Театарските сцени и трагикомедијата на двојноста поетско/ човечко битие – општество, ги отпечатуваат критичките ставови во однос на сето она што е текст вон текстот – во поетските текстови на Владимир Илиевски. Теута Арифи, најголемото откритие на младата македонска поезија, му припаѓа на постмодернистичкиот дух според неговото начело: „Се согласувам да му погледнам в очи на сето културно и духовно минато, но не можам да се идентификувам со него", водејќи културен дијалог со сите вредности врз база на поетска провокација, а не наивна носталгија. Аполон Гилевски во песните од оваа антологија е категоричен во изборот: го развлекува модерното писмо до еклектично очудување, а го семантизира постмодерниот израз до онтолошки предизвик, сплотувајќи две различнитела во една, љубовна душа.
Историјата, религијата, митологијата, литературата и сите други човечки изуми се рефлектираат во песните на Сашо Гигов Гиш како подигрување со традицијата, ослободување од стегите на културата со цел создавање сопствена, автентична култура која би се доживувала како природа. Апокалиптичната свесност за крајот на векот, во песните на Ирена Павлова се манифестира како апоцалиптицус на поетското, религиозното и егзистенцијалното човекување, трагично со самата предодреденост на „смртен крај".
Претходна
Следна
  1 2 3 4
Hosted by www.Geocities.ws

1