| Хаику
Небо без ѕвезди.
Останале да висат
на друго небо.
***
Камбани ѕвонат.
Се буди перуника
до езерото.
***
Есенско утро.
Над куќата се сонча
полжав без куќа.
***
Еден кавал а
звук од четири страни.
Збунети орли.
***
Со чаша врело
млеко во рака гледам
кон Млечниот пат.
|
Танка
Летна ледина.
Танцуваат ѕвездите
со светулките.
Се слушаат шепоти:
"Дамите избираат!"
***
Ѕвездено небо.
Преплашен ловџија го
фрла снајперот.
Во нишанот му влегла
и Големата Мечка.
***
Младиот Месец
се задскри зад ридот, а
само што стигна.
Со ѕвездата Деница
криенка ли си игра?
***
Со црн туш цртам
крупна топка ... а потем
на радиото
велат дека надвор има
еклипса на луната!
***
Нова осека:
во песокта светкаат
морските ѕвезди.
Ќе се појави ли и
морската месечина? |