Дома
 


Виолета Бончаноска
 
Помрачување на мозокот

IV

Кога метеоролозите и психијатрите
би си ја знаеле работата
не би постоел поет
Вака, излишно е да им се верува

Мене господ ми предвестува облаци
Земјата – суши и рестрикции
Јас не сум виновна
што ја оторив утробата
и не ме праша за име
Ги изгубив веќе и умот и разумот
и молам
наоѓачот нека си ги задржи
(И без нив доволно се проблеми)


Слепило

Се стемнува
штом ги затворам очите
Дали е во мене премногу ноќ,
во тебе премногу ден
Што ли?
Боли,
кога мижиш,
кога броиш на кирилица
и ја почнуваш азбуката од еден
Коцката повторно е фрлена
Бројката непозната
Како тоа завршуваше крајот?

Некогаш љубев...
_ _ _ _ _ _ _ убев
_ _ _ _ _ _ _ бев
Ме изгоре ветер
Дали остана нешто?
Помеѓу зенитот и зеницата-темница
Погледот говорел наместо зборот
Неми сме

Отвори ми ги очите
Да го видам небото-црно
За последен пат


Суша

Се разболувам
Топломерите бележат
ненормални дневни температури
Лекарите предвестуваат трески
потреси
несвестица
Претпоставуваат сончаница
Сонувам земјотрес
Си ја менувам кожата
трипати
четирипати
петпати дневно...
Никогаш доволно
Мувите се размножуваат
неверојатно брзо
(се прашувам како ли им успева
со водење љубов
или со проста делба)

Некакви увозни комарци
ми ги напаѓаат дланките,
градите,
очните капаци...
Натекувам
Од недостаток на Б витамин
се повампирувам во канџите

Мене ме обвинуваат
за општосушниот период
и за ноќните поплави
(оти ноќе немало сонце)
и затоа што сушата попарила
поплавата попарила...

А јас кутрата Донкихотова љубовница
Преногу туѓа...
Изгорев...
Зајди, зајди...

Alea Iacta est

Вџашена, гледам
како ветрот го тетовира својот модар син
врз мојата огромна дланка
Со три прсти цртам крст

По којзнае кој пат
Ја нижам твојата мртва кошула
на рибарски конец
На мојот ѓердан од мрзлива школка
(оти не слушаш,
и не правиш бисер од восок)
Забораваш да се родиш
Што стана со твоето кралство?

Семињата се наполнија со плод
Земјата затрудне од пород
Празнуваме раѓање
на невидено и незачнато
Светот е круг
Alea Iacta est

Со мразулци палам восочна жена
Барам црвена вода
да ме измие

Ајде да играме нешто друго
Да го скршиме кругот
На парампарчиња


Развиделување
на моето сонце

Ме мина темнината.
И ниедна ќерка на Мнемосина
не ми дава сонце
Чувствувањето ми умира
а очите привикнуваат
Очните капаци боледуваат
Страните на светот подивуваат
Небото го оковаа во мраз
Ветерот умира
А јас немам право на бура

Наместо пцост,
интуитивно насетувам исток
и го вртам грбот на мојата дланка натаму
Хухни ми во клепките, замрзнато сонце
Да попука мразот
Бакни ме во прстите
Да го насетам осетот
Да го допрам зборот
Да го спасам... светот
Пред да исчезне

Верувам, верувам, верувам...
Дека вештерките летаат на метли,
дека девојките немаат срце,
дека „абрака-дабра" е магија,
дека луѓето се богови,
дека само боговите се среќни,
дека „те сакам" и „добро утро" е едно те исто,
дека е утро, те сакам
Верувам

Темнина...
Ме мина...
верувам
Повторно гледам
И нема да ослепам ако видам сонце

 
Hosted by www.Geocities.ws

1