Дома
 


Вероника Димитрова
 
Патување низ светлината

Блесок на вжештено стакленце
ги фокусира моите мисли
на тебе...
Од тебе на мене,
од мене на тебе.
На далечина...
Сакам да заминам.


Јас сум воздух

Ми нудат ропство за љубов,
пари за приврзаност,
нешто за насмевки,
нешто за забави,
нешто за простување,
нешто за облекување,
нешто за соблекување,
нешто за нешто друго...
Ништо за мене!


Ѓаволска работа

Ти си слободна,
леташ над суицидни облаци.
Тој те притиска длабоко во креветот
за да поверуваш во животот.
Бесполезно губење време.


Пат

Те споив со стравот
на моите пријателки.
Музите не ми беа
секогаш наклонети,
па им се покорував
на искусните проститутки,
да ме научат како се живее
во нивните соништа.

Наоѓање

Во соништата го барав
моето второ ЈАС,
да ми го покаже патот
што го загубив,
го пронајдов во градот,
во кој секогаш ја
мијат улицата во часот
кога јас сум на неа.


Урбана чекална

Ова е град ,
кој живее ноќе.
Ова е град
во кој мажите
ги прибираат курвите
од пред кината...
Ова е град,
во кој сопругите чекаат дома!
Ова е град,
Во кој чекањето е свето, измамата исконска,
мажите сурови, жените молчеливи.
Ова е град,
во кој Пенелопа е секогаш актуелна.
Ова е град, кој ме задушува

Hosted by www.Geocities.ws

1