Дома
 


Вартан Василевски
 
Елегии за М.

V.
Проклет да сум М. Проклет да сум
ако не те љубев со сета моја жар
И сe така ни мина векот навидум
на детска игра. Во магиска чар

Проклет да сум М. Проклет а верен
како пес што завива скршен од бол
И сe така чинам дека сум изневерен
Со душа распната, набиена на кол

Проклет да сум М. Проклет а горд
Како мене таков не се раѓа, верувај
безнадежно скромен и наивен створ

Проклет да сум М. Проклето стар
во младоста што не знаеше за крај
А душата ми тлее во чемерна жар


Во зоолошката градина

Често кога ќе повтам да застанам
пред железните кафези
чувствувам дека и јас ја губам
слободата како кутрите животни
Тагата ме притиска
како Пелистер да ми легнал
врз кошмарот на сонот
Не можам да се исправам
Толку е голема неправдата
Ги гледам вашите натажени очи
и со вас тагувам под Тумбе Кафе
Душата на делови ми самее
во секој од железните кафези
Горчини собирам врз срцето
како бигори што ја кршат радоста
и лелекот корне во мене
оти не можам да ви ја допрам слободата


Корпичка

Од што премногу верував
рамењата ми се снижија до подот
и залутав на дното од совеста
Барем во тебе да сетев
доверба што ќе ме крепи во сонот
и надеж дека не ќе осамнам грешен
Не знам со што заслужив измама
кога и другарот ја загуби душата
Ти дадов сто денари
да си купиш корпичка
Тој ден пазарот бил затворен
Немало луѓе по тезгите
Во цел свет немало корпички
што собираат валкани работи
Задржи го кусурот
Белки ќе ти стаса
да купиш кадела магла
на другарот да му ги замаглиш очите
Барем нему да му ја спасиш душата
Од што на сите им верував
‘рбетот ми се свитка до земи
и заталкав на дното од совеста.

Гени маало

Ми било пишано тука да заластарам
и тука да ми ги поткастрат
филизите на мојата судбина
Оттука да тргне моето распетие
Крстот да си го понесам
по реката на очајот
и да не се вратам повеќе
во тесните улички на младоста
Ми било пишано во тебе да зацарам
и да не ги долижам обувките
од забот на старата калдрма
Тука да ги одбројам ноќите
на моето проколнато житие
и да не се вратам повеќе
меѓу ниските куќарки на среќата
Ми било пишано во Гени Маало
да ги оставам моите спомени
и сонот да си го засонувам
и да не стигнам да го досонувам
Да не легнам и да не се разбудам
без маглите на тагата


Хераклеа

Сe беше поинаку
кога порано доаѓав тука
Камениот вез на мозаиците
ми се разлеваше по душата
како да ме галеа килимите
на мајка ми со кои
ја покриваше тишината
Врелата крв на гладијаторите
течеше и низ моите дамари
како да го чувствував
големото срце на татко ми
со кое го прегрнуваше светот
И ревот на лавовите
татнеше по ридовите над арената
и уште подалеку низ времето
како да ридаа илјада жени
над мојата проклета судбина
Сe беше поинаку
кога порано доаѓав тука
Сега сета Хераклеа лежи
покриена со црнилата на векот
оти веќе никогаш нема да ја видам

Hosted by www.Geocities.ws

1