| Јас
Проколнат за вечност
помеѓу нулата и единицата
да талкам,
со тројка на челото
и четворка во допирот,
го скрив Тантал под моите веѓи
да го исцеди прогонетиот сок
на моето огорчено Јас.
А, Јас, огледало на Самсон,
се криев
по аглите на црвените светла,
со прсти зариени во образите,
во светот да создавам светови.
И само една ноќ ми требаше
нов Ное да најдам,
само една ноќ
Мојсеј да го воскреснам.
Ги надминав метафорите
за самиот да станам метафора.
Ги надминав симболите
за самиот да станам симбол.
Го надминав ова Јас,
за повторно да станам Тој.
Има еден...
на Јован Котески
Има некоја вечна страст во
часовниците,
страст во отчукување
на срце кое умира,
срце низ црнка во зенит што се буди.
Има некој вечен оган на небото,
оган скриен во магла што заминува,
магла во нокт засекогаш што е тука.
Има некоја вечна осаменост во
голите прсти,
осаменост на дрво
од кората што се одделува,
кора со бакнеж
во безимено стебло што никне.
Има некоја вечна страст,
некој вечен оган,
има некоја вечна осаменост,
и во неа друга осаменост,
една,
со срце и дрво во магла изгубени.
Има еден човек,
името не му го знам,
лицето што не му го паметам,
има еден човек од цвеќе израснат
и во него друг човек
со солзи што го полива. |
Најдолгата песна
Помнам,
некој и ги покри усните со дланка.
Како немост
ме окова тежок мирис на крв.
Молчи, ми рече,
молкум најдолгата песна ќе ја
напишеш.
Безимен
Кога го прогонија од рајот,
неговото А застана на чело
на сите азбуки,
на сите аскези, на сите богови,
на сите вечности, на сите гревови,
на сите демони, на сите ѓаволи,
во јатките на сите Едеми...
...во сите урлици, во сите Фаусти,
во сите хармонии, во сите цркви,
во сите човештва, во сите џамии,
во центар на сите широчини.
Кога го прогонија од рајот,
Господ безимен остана.
Око од лакмус
- Историјата се случува кога од
устата ми потекува солза.
- Јанко Нинов
наспроти:
- „...wie es eigentlich gewesen“
Сè што е,
сè низ ова око минува,
зашто и распнувањето здодевно е
без боцкавите морници од тага,
зашто и смртта не ќе беше ништо
без нашите собири во црно,
додека времето продолжува да тече
со испрекинатиот ритам на плачот.
Сè што е,
сè низ ова срце минува.
Во темен стих вечноста се одѕива. |