Дома
 


Наташа Сарџовска

Невидливи улици

Ја рушам привидната вистина
и нејзините рамки
додека се вртам меѓу огледалата на моето минато;
И претпоставувам
знам каде сум
знам која сум;

Моја е последната далечина
и чекорот што ме двои внатрешно;
Ја отповикувам твојата историја
бидејќи
Никогаш
Нема да бидеш
Сам
Ти
можеш да го насетиш
доаѓањето на Новото Време
Јас
Те бакнувам
додека пиеме од водата на тишината
изгубени низ невидливите улици на Европа.


Полноќна

Доаѓаш од некое друго место
Или
Не
Сум
Јас
Од тука?

Но сепак те препознавам во привидната
отсутност
во темните сводови каде
Времето е смрт;

Дури и твојот немир
го прогласувам за сеопшт поредок
и ги обединувам сите жртви
додека трчам низ ова тело
низ овој тунел
јас ги слушам далечните гласови на давениците
и оваа вонвременска соба
над која се соединувам
постанува мое живеалиште
и ме води
низ оние затскриени предели
низ овие сонливи улици во кои
си
едноставно
ти


Женска исповед

како порака згмечена
меѓу шизофренијат и ентропијата
меѓу полисемијата и ноќните сенки
меѓу влажниот пол и интерпункцијата
меѓу Офелија и белите ленени чаршафи
меѓу Мата Хари и интернационалните овошја,
јас ја препознавам заканата што доаѓа од
ножот на разбојникот
и фучењето на возовите
што ме носат
додека ја тешам курвата
во оној проклето ист
град
каде сe повеќе те има.

 

Инстант убиство

од полумракот
изгрева нож
(колку ножеви ни требаат за да се одбраниме?)
и риејќи ги ѕидовите од месо
ги вади гласовите
на давениците,
на задавените војници,
на штотуку родените јагниња,

јас сум сведокот
на метафоричната светска војна
но, мојата несвест не значи крај
и покрај тоа што завршувам
без здив
во сопственото бледило;

јас сум светската прамајка
плаќам во крв
сепак излегувам
без никаква видлива рана.


На Пјер Паоло Пазолини

Единствена врска меѓу мене
и твојот гроб
е мојата рака.

Но, јас не се плашам
зашто сум со тебе
„наивна"
во твојот автомобил
и одиме
„...да се наведнеме над амбисот..."
„...со истото чувство на паѓање во празнина
кога се исфрла семе
кога се умира,
и се станува татко".

Мил мој,
дали можеме да се ослободиме
од сопствената голотија?
И колку?
И кога умираме,
дали умираме?
Ајде,
немаме време повеќе!


Доказ

Не
можам
Не
велам
кога ме разоруваат вкусовите
и дното
од каде секоја полноќ земаме храна
постанува превртена ќелија
нуклеус
луда точка...

и повторно на твоето рушење
му се препуштам
фрлајќи сè
и пак ме обзема газејќи ме
но, го поднесувам падот
зашто сè
è што ми даваш
сакам да имам.

 

Hosted by www.Geocities.ws

1