Дома
 



Мишо Живковски
 
Трилогија - Кон изгрејсонце

Минотаурот
Не зам дали ме гледаш господине гаде,
темница е,
очиве ми се заслепени
од белината на снеговите, но одам.
Одам по стапалата на некој скитник
пред мене
кој сигурно одел
по стапалата на некој скитник
како мене.
Сите ли патишта водат кон тебе
господине гаде?


На врвот
Сега сум на врвот
и ме шибаат твоите ветришта
господине гаде,
но се прашувам кој ли ќе опстане,
сигурно ли е дека тоа ќе си ти
или месово и коските на мене
што упорно го газат снегот
кон врвот
кон изгрејсонце
господине гаде.


Биг Бенг *

Не дарујте Поет
с безгромно перо,
несони ноќи.
Неговите веди
не ќе можат да го прошарат небото
со плодовите на земните АЗ БУКИ,
кога далечната стела
неговата Света Земја на Песната
згаснува,
онака како татко ми ми гаснеше
жарчиња против уроци.

Тогаш интергалактичкиот тапан
ќе ги повика планетарните
племиња
да ? оддадат почит
на ѕвездата што заминува
(песната неродена или што умира).

Честичките ќе и ги распрснат
низ црните дупки
на бескрајната вселена
во нас, тело и анима.

Громкиот баритон
на отецот нажален
здушно ќе го најави
следниот Биг Бенг.

Поетот тоа ќе го почувствува!

 

Во очите ти гледам

Во очите ти гледам
солза, роса утринска
- слана
во очите ти гледам
лисица
во очите ти гледам
тага,
својата судбина,
во очите ти гледам
блуд и блад
блесок оттаде месечината
во очите ти гледам
арктичка длабочина
во очите ти гледам
лаж
вистина
во очите ти гледам
моќ, сe
над мене
во очите ти гледам
изгор
сенко моја превртлива
љубо моја!
Лажи ме
ти ме лажеш најубо
љубо!


Распори ме
Растргни ме
Раскопај ми утроба
на пците остави ме
вриј го ножот запален
погуби ме,
но не љуби ме
но не милуј ме,
в мрак фрли ме
в црна црнина,
продај ме ѓаволу
продај ме секому
но не милуј ме
но не љуби ме
љубо моја!
Ти ме љубиш најубо
Ти ме болиш најсилно
……………
Љубо!

Најкусата песна

Поради што
и на миг погрешната мисла
оддеднаш се преточува во
најдолгото молчење
најкрвавото војување
најдолгиот сон
од кој нема будење
а вие спиете ли спиете
и ниту на сон не забележувате
вселената е најголемиот водопад
на мистерии и млечни калдрми
а не некој си таму в Африка,
не се ни осмелувате да признаете
Земја, најсјајната ѕвезда
е најголемата измама
поголема и од самиот
поим измама
а измама е и мојата
хипертензија
но измама не е
и во тоа не се сомневам
Вардар или онаа негова притока
река Маркова е
најдолга и најголема
за некого
исто онака
како што е никогаш чуена
за некого
онаа моја мајковина
која патем се вика Вера
кое патем тоа е најобично име
исто како ова моето
грешен најгрешен
исто како најголемата утка
што бог ја направил
не создал по својот лик
а не по својот камен
кој најверојатно го имал
ако не на срцето тогаш
сигурно во бубрегот
без кој се живее
како што се живее и без оваа
кој ја нарече најшто таму ...
песна!
во која го обвинувам
најновото проширување на озонската бездна
за најновиот пристап кон поезијата
за очајно лошиот пристап кон поезијата
да и се згрози на самата поезија
од најновиот, очајно лошиот пристап кон поезијата
а ти упорен никако да дигнеш раце од сe
да се затвориш во шупа, подрум, скривница
таму е надобро човече!
под земја завлечи се
но ти продолжуваш
и понатаму одолговлекуваш
мака да те фати
ајде веќе еднаш
заврши
напиши
препиши
потпиши
ниту прв си
ниту последен си
од ракав истреси
онака како најчесто со потсвеста бидува
како во првите класови
"Најдолгата
Најкуса Песна"
Со Голема Буква започи
и пиши го
првото на ум што ќе ти падне
"Те Љубам"
на пример
и точка
А потоа цел живот
пиши
и
пиши
и
пиши
и не ќе ти вреди ништо
ако не ја напишеш
најдолгата најкуса песна
а
како гледам
не ти оди .....

( по подолга пауза)
Чекај!
море чекај, чекај
Хмммммммммммм....

Мала песна
од
непознат поет

Си реков...
ајде ќе напишам песна.
Топлите зборови ќе ги земам од север
студените од екватор,
тажните ќе ги поитам
меѓу грмушки сред цветој,
веселите под земја.
Мудрите пак ќе ми ги испеат недоношчиња деца
лудите ќе ги кажам јас и другите.
Од големите поети
точки, запирки, извичници
прашалници ќе земам
и во себе си ќе потонам.

Трепет.
Во себе ја имам песната.
...............
Та каде е предизвикот!
голем ПОЕТ "секогаш" пишува голема ПЕСНА?!

Песно! Остана ненапишана.

 
Hosted by www.Geocities.ws

1