Дома
 


Кочо Андоновски
 
чекори

на два брега
две различни градини
две различни пладниња
и едно сонце
над еден мост


циклус

ќе се родиш ти
пак, знам
кога очите доволно
ќе те заборават
кога усните доволно
ќе те изназборат
кога мислите доволно
ќе те исчистат

тогаш
слеп
ќе те гледам
молкум
ќе те зборам
и никогаш веќе
нема да те оставам

замисли


внатре

ти внатре сe провираш
и внатре круг правиш
и кругот други бои добива
ти внатре после го разобличуваш
и внатре темни коси му раѓаш
и со косите темни ќошиња отвораш
ти внатре после отежнуваш
и тежината тешки сили добива
и надвор после
експлозија


гола

1.
чудна си ти
чуден поглед
имаш од дојките
чуден сјај
од колковите
и оргазмот
ти е чуден
би рекол
смешен
и јас сум чуден
штом се чудам
откаде ти
гола
и толку чудна
во мојот кревет
говор тивок
и кревок
имаат телата
во молкот
чуден

бегство

зарем не си светот
што денес го зачував
што го спасив
зар не си таа чудна материја
меѓу свирепоста и љубовта
во очите на орфеј
ти
зарем не си мојата крв
во тесните процепи
меѓу плочките на патот
зарем не си таа чудна материја
кога сe е тивко и лудо
кога сите ќе заминат
кога е молк
ти
толку чудно, денес си светот
што го зачував
што го спасив

и побегнав

воз

ако го заборавиш
овој зелен коров
ако го заборавиш
овој звучен амам
врз планините
на овој град
никогаш
веќе нема да постои
животот на едно пладне
на еден лет
на крила со огромен замав

Животот на тој, така чуден, звучен амам, секогаш го враќа прашањето на поредокот. Најважно: прашање!

а, возовите преполни веќе
со прекрасната насмевка на заборавот
и ладно што останува назад

И понатамошното постоење на тие, така чудни, моменти, повторно го поставува прашањето на поредокот. Најважно: прашање!

возов
од дамнини можеби чекан
со луни преку сите реки
лудо што лета
не го чека станица ни една

воз по лепливи и смрадни
скалила од катран и ноќ

ноќта не е само ноќ
туку шини до секој беспокој

осамен патник
меѓу луди возови ли
осамен воз
меѓу луди патници ли
раскрварен мозок
расчленета и набабрена
материја од луна
луно
мајко
луно знам
ти си тоа дете што плаче
о, тоа дете што плаче

о, тоа дете што плаче
таа сува уста полна песок
тие цвеќа облечени во боја
тој мозок растурен во лавиринт
тој воз од раскрварена земја
тоа дете што плаче
тој воин со забрзана неодлучност
таа срж од ноќта
тој прекор
таа сенка
твојот таен шепот
о, тоа дете што плаче
тој ден, уморен поглед на него
сон со демон што се смее
тој плач на дете
таа песна на крвта
тој прекор
таа ноќ
таа набабреност
пред распаѓање
пред успокојување
тој црн дожд
тоа спокојство
тоа дете што чека
таа сува уста полна песок
тој воз од дамнини можеби чекан

оваа јаловина на денот
оваа тајнина на ноќта
кому да ги дадам
кој ќе ги прими овие
тајни патници на ноќта
о, ноќ - нејаловино
детево за безизлез ли чека
каде е таа боја
тоа море, чун
таа песна
о, ноќ - нејаловино
детево за безизлез ли чека

И понатамошното постоење на тоа, така чудно, дете, повторно го повторува прашањето на поредокот. Најважно: прашање!

   
   
Hosted by www.Geocities.ws

1