Дома
 



Иван Јовановски Карас
 
Ороспија

Твојто меѓуградје е Мека на сите верници
Што еднаш животно те посетуваат
Во бели чалми и престилки обвиени
Нивниот разголен срам го затскриваат

Сите пред тебе ничкум паѓаат
Се молат со молитва напамет научена
Нивните желби ко ларви се раѓаат
Од напливот на фантазија во нив насучена

Изморени од патот до твојте кубиња
Ќе се стишат очекувајќи го простувањето
Тивки, чиниш Курбанбајрамски јагниња
Обезглавени во име на жртвувањето
Уживањето!


Реденка

Во слободно време ме разгоруваш
А притоа беспоштедно преморуваш
И трајно ме доразболуваш
Зошто ме разголуваш и соголуваш
Во темели разоруваш
Што одвреме навреме сонуваш
И во сонот ме проколнуваш
Што со мене без зборови зборуваш
И со најотровни стрели војуваш
Принудуваш, престројуваш
Со тактика на голем војсководец
Од заштитата ме одвојуваш
Па како Курд низ планини ме прогонуваш
И беспомошен ме заробуваш
По ќејф и потреба наоструваш
До последни сили ме испостуваш
За гревовите да ми ги простуваш
Часовите скржаво ги одбројуваш
По својте калапи да прекројуваш
Со некој чудни кројки
Без многу букви и бројки
Ме преклопуваш, на две, на три
Во моменти безизлезни
Постојано советуваш
И често одлетуваш
Толкупати назад слетуваш
За многу да ветуваш
Со сe и сешто приклештуваш
И правовремено известуваш
За своите неисполнети желби
А понекогаш и ме сместуваш, во нив
Дур' сум се уште жив

Бидејќи сите правила ги прекршуваш
Сеедно како, морално, неморално, ти свршуваш
И тука некаде завршуваш

Доење без гоење

Тоа суштество со проретчена коса и меки коски
Со неможност за паметење
Што стигнува без нимал напор и заложба
На Врвот, само затоа што постои
Стигнува и природата веднаш го дарува
Како страрогрчки бог на својот Олимп непречено да царува
Се зарива како крлеж на најиздигнатиот дел на неговото царство
И почнува да смука и цица, да влече
Да ја олеснува и поместува неговата планина, да ја цеди и гмечи
За што побрзо жедта да ја спречи, од исчекувањето
Секоја пупка од градите на жената го крепи создавањето
(Нагласено) Сите мажи сакаат да бидат доенчиња
Па иако некогаш биле, со радост се навраќаат
Иако млеко нема, тие сепак скапо плаќаат


Во последна поза

Во поза на покојници, еден до друг
Со клепките цврсто затворени
Овој свод к'о да ти е туѓ
Што е над нашите тела преморени

Насекаде мојот згаснат поглед се лепи
Од пукнатините продира вечерната боја
Под нас патосот што крцка не крепи
И несвесно ја стегам градата твоја

Доцен е часот. Час за заспивање
Задоена си со сонлив семир
А кон мене к'о стокатно уривање
Се задал овоземниот непоштедлив немир


Ненаситна

ТИ сакана што си, и без да сакаш
Сечии поглед, сечија љубов што бесплатно се дели
К'о изгладнета чергарка ја макаш
Со крајката на жртвувањето
А тавата ти е вечно мала
Ненаситна, една
Не кажа ни фала


Хемија

Се прободев на рѓосана шајка
И отровот в крвта сливна да тече
Отварајќи ги устите во бол
Ранава рикна силно да пече
И се зачна љубовта
Толку неочекувано
Толку едноставно, оксидирав

 
Hosted by www.Geocities.ws

1