Дома
 


Игор К. Чоков
 
Во невината утроба на сонот

Во невината утроба на сонот
се котат крици и темници.
Панично трчаме армасани и голи
по модрите скали на пејзажот.
Талкаме по брегот на ѕвезденото море
светлини нe мамат далеку горе.
Лазат молкум сенки како магла бела
во проѕирниве предели на нашиве тела.


Косара

Дуваат ветришта Косара,
ти доаѓаш со невреме во очите
по влажните родопски клисури
каде немо демнат прободени сенки
и зјапаат ослепени во душите празни,
и веќе силни дождови паѓаат
и како од ведро истура.
Ноќта ја пробдеа
под црниот камен во долот,
и вечерва како прокоба
повторно го виде жртвениот пехар
во пустиот предел на планинава.

Во мугрите стана
не можеше повеќе да сониш,
ги закопа штитот и копјето
таткови во пепелта
и воскликна од божественост
како нимфа
замина во модрите утра на Беласица


Исчезнувам

Зарем не го чувствуваш како
слепо ме мами тажниот предел
чиниш сака скришно да ме освои.
И сe поблизу зум до мислата
дека исчезнувам,
дека лесно се губам
како истрошена слезова трага
на некое загубено годишно време
што заборавило да замине.

Стојам за последно меѓу двата ридја голи
каде згасна тоа згрчено утро,
ме пронижи мртвата месечина
со стакленото ребро на сонот.

И оваа приквечер
на Билјана

Дали за мене го нижеш скришум
тој венец од солзи дробни
Ти девојко самотна со шепот трепетлив
ко светулка нежна да згасне што се кани.

И оваа приквечерина повторно ме сониш, нели?
Најпрвин Јас со белег на чело
сновам сам низ голинава темна
додека ме носат ѕвона бронзени
од праискон што ги слушам,
така таинствени, небаре се одвај привидни
ѕвезди недосеани.
Сетне Ти заробена во школка проѕирна
сe уште маѓепсана од бакнежот
на плимата загубена
што веќе одамна не дошла.

И оваа приквечер по толку време
издишани гајди раскажуваат за сонот во август,
за паднатиот дожд што врат си скршил,
за заспаниот прекрасен цвет
во ќорото око на ноќта.


Апокалипса

Јас сум сенка што тивко
престојува во мракот
на заклучените одаи
воскликната птица која пее
за својот загубен лет
исчезнат во пукнатинава на времето.
Јас сум бледо движење
што лесно чекори длабоко во ноќта и гледам –
нечисти души се касаат меѓу себе,
осамена волчица трага по својата
загубена глутница,
копнеж голем како судбина.

Јас сум оној ангел што танцувајќи
треба да го напушти светот
кој се руши.

Hosted by www.Geocities.ws

1