1.
Италијанската кујна е една од најпознатите и најраспространетите кујни во светот. Таа постојано се развивала низ вековите како резултат на бројни социјални и политички промени, со почетоци кои датираат наназад дури до 4-от век п.н.е. Оваа кујна била под влијание на многу надворешни култури како што се Етрурската, Еврејската, античка Грција, Рим и Византија. Нејзиното богатство и традиција се особено видливи од фактот што најстарата сочувана книга за рецепти е токму Италијанска, а била напишана во 1-от век п.н.е.
2.
Се смета дека кујната која се развила во Сицилија под силно влијание на Етрурија, античка Грција и Рим е првата вистинска италијанска кујна. Најголемата придобивка од општењето со Етрурците бил еден вид на пориџ (каша од житни зрна), која со донесувањето на пченката од Америка прераснала во и ден-ден сеприсутната полента. Грците имале особено влијание во воведувањето на различни рецепти со риба, а една од најпознатите рибји чорби – бродетот потекнува токму од нив.
3.
Доручекот не се смета за важен оброк во Италија. Вообичаено има слатка нота, па најчесто се јаде кроасан полнет со џем, сладок крем, па дури и чоколадо, парче леб се мачка со путер и џем, или пак се јадат неколку колачиња натопени во утринското кафе. Она што е карактеристично за овој оброк е токму кафето, односно капучино или кафе со млеко кое е задолжително. Во Италија ова е типично утрински пијалок, па затоа нема да фатите ниеден Италијанец да пие капучино или кафе со млеко по 11 часот напладне.

Препорачани специјалитети